…на неодредено време.
Поздрав.

…на неодредено време.
Поздрав.
Конечно, укоричени се пишуванките на Ненад Јолдески, на блогерајов попознат како Фигмент или Везденски. Време беше. Се радувам што победи еден од двајцата кандидати за кои навивав
Блогери и неблогери, повелете во ТОЧКА и набавете ја книгата „Штамата на Енхалон (Мемоари)“. Не дека не може да уживате во неговите раскази на блог, ама хардвер си е хардвер
Љубовта на мојата девојка кон мене е голема како стравот на жирафата кога лета низ прозорец.
Бакнежот на мојата девојка ми е потребен како вештачко дишење во жолто комбе.
Мојата девојка сочувствува со сиромашните.
Мојата девојка ѝ дава цигара на Циганката – питачка секогаш кога оваа ќе ѝ побара.
Циганката ја благословува мојата девојка: „Господ здравје да ти даде и едно момче со око зелено како мрсул“.
Јас мојата девојка го игнорираме благословот поради моите кафени очи.
Јас и мојата девојка сакаме да си живееме среќно до крајот на животот; но нашата куќарка од шеќерна волна е пуст остров каде времето не постои.
• СПАСИЛ МРАВЈАЛНИК ОД ПОПЛАВА
• МАСОВНО ЗАЉУБУВАЊЕ ВО УЧИЛИШТЕ
• УАПСЕН СЛИКАР ШТО ГО БОЕЛ НЕБОТО
• ЈА СПОРЕДИЛ СО НЕИЗЛЕЧИВА БОЛЕСТ
• НАХРАНИЛ СЕМЕЈСТВО БЕЗДОМНИЦИ
• СЕ ПРЕСЕЛИЛ СОСЕ ЖИВАТА ОГРАДА
• СО СТРИПТИЗ РАЗДВОИЛА КУЧИЊА ШТО СЕ ДАВАТ
• ПОПРАВИЛ ПОКРИВ НА КУЌИЧКА ЗА ПТИЦИ
• СИ ГО НАШОЛ ПИЈАНИОТ КИТ ВО БУНАР
• ОТВОРЕН ПРВИОТ ПЛАНЕТАРИУМ ВО ШЕШИР
• ИМ ГИ КРАДЕЛА МИСЛИТЕ НА ДЕТЕЛИНКИТЕ
• СОБОРЕН РЕКОРДОТ ВО РОНЕЊЕ СОЛЗИ – РАДОСНИЦИ
• ДЕТЕ И КАЛИНКА СТАНАЛЕ РОДНИНИ
• ВОЛК ПОБЕГНАЛ ОД АКВАРИУМ
• МУ СМЕНИЛ СВЕТИЛКА НА СОНЦЕТО
_______________________________________________________
*Запис пронајден во бележникот на поет кој никогаш не станал уредник на вести
Слободно фрлете ги мапите – им рече Т. на туристите. Денес нема да ви ги покажам знаменитостите обележани на нив. Зарем навистина сакате да ви раскажувам за изумрени обичаи? Сакате да чуете имиња на градители на урнатини? Сакате да гледате гробови на војсководци и масовни убијци? Да гледате голи камења, темели на веќе непостоечки градби? Тоа се глупости! Глупости! Здодевно, здодевно, здодевно! Одбивам да раскажувам такви нешта по којзнае кој пат! Баш ме заболе за царевите, кралевите, војсководците и владетелите! Да, да, убаво слушнавте! Баш ме заболе! Петнаесет години работам како туристички водич во овој мртов град! Петнаесет години раскажувам глупости! Петнаесет години се трудам да им го задржам вниманието на будали како вас! А мојата приказна?! Што е со мојата приказна?! Фрлете ги мапите – уште еднаш рече Т. Денес ќе гледаме поинакви знаменитости.
Туристите го гледаа зачудено, но ја прифатија новата непозната тура што им ја понуди чудниот водич.
Внимателно погледнете го оној фрижидер! – рече Т. Од таму го купив првото пиво. Продавачката ми го продаде иако бев детиште. Можеби затоа што забележа дека ñ зјапам во деколтето. Слободно фотографирајте!
Дел од туристите ја напуштија групата незадоволни од водичот што им е доделен. Ги подготвуваа своите поплаки до агенцијата што им го препорача Т.
Ене го основното училиште во кое учев. А ене го и игралиштето во училишниот двор. Под оној кош се степав со најдобриот другар. Јас го удрив со тупаница по носот, а тој ме удри со камен по глава. Еве овде ми е лузната. Слободно погледнете!
Групата што го слушаше Т. се преполови, но тој продолжи да ги покажува личните знаменитости со несмалена возбуда.
А сега внимание! – свика тој. Овде го имав првиот бакнеж. Да, точно под дрвото. Имаше и клупа на која ги врежав моето и нејзиното име, но повеќе ја нема. Ако има интерес кај туристите ќе поставам нова. И имињата ќе ги врежам пак.
А сега ќе ви покажам каде се опив за првпат. Еве, во ова паркче. Имав тринаесет години и со другарите пиев црвено вино. Нема никаков споменик, но наскоро ќе поставам некакво обележје.
Групата што го слушаше Т. стана сосема мала. Останаа само сеирџиите и непоправливите љубопитници, но тој не обрнуваше никакво внимание на бројноста на туристите што го следеа. Продолжи во силен занес да раскажува за местата што му значат.
Погледнете ја убаво пешачкава патека! Овде почина мајка ми. Си одеше, одеше… и одеднаш – туп! – падна. Срцев удар. Жално! Навистина жално! Сè уште нема споменик за таква мила и добродушна жена!
А сега најважното! Ќе ви ја покажам куќата на девојката што најмногу ја сакав и сè уште ја сакам. Чекајте малку. Таа прво живееше во една куќа на оној рид, а потоа се пресели во една зграда на четвртиот кат. Што сакате прво да видите? Станот или куќата? Одговорете! Вас ве прашувам!
Т. не доби никаков одговор. Молкот како да го отрезни од занесот. Забележа дека речиси се стемнило и го слушаат само неколкумина. Се загледа во малата група туристи. Полумракот не му пречеше да ги препознае најупорните слушатели: продавачката што му го продаде првото пиво, најдобриот другар со кој се тепаше на игралиштето, девојчето што првпат го бакна, другарите – соучесници во првото пијанство и девојката што најмногу ја сакаше. Пред сите нив, со фенер во раката, со младешки лик и срдечна насмевка чекореше неговата покојна мајка. Ги рашири рацете за прегратка и со бавни чекори тргна кон него.
Мразите да позирате. Пред објективот вперен во вас како пиштол имате сериозно, по малку мрачно и намуртено лице. Пријателите ве прекоруваат затоа што не сте насмеан, но тоа е вашиот природен лик и не сакате да го промените ставајќи маска со некаква вештачка насмевка. Ве фотографираат, ви ја покажуваат фотографијата и забележувате дека навистина не изгледате убаво со премногу сериозен лик.
Ве убедуваат да дозволите уште еднаш да ве фотографираат, но овој пат со уста развлечна во нешто што би требало да претставува насмевка. Нерадо се согласувате со предлогот, се насмевнувате и се чувствувате непријатно правејќи лице кое не е ваше. Ви ја покажуваат и втората фотографија. Забележувате дека насмеан изгледате многу поубаво, но не ви дава мир одвратното чувство на нелагодност и извештаченост додека ја правите лажната насмевка.
Не сакате да изгледате лошо со природниот, намуртен, мрачен лик. Не сакате ниту да изгледате убаво по цена на нелагодност и извештаченост при фотографирањето. Сфаќате дека мора да се засолните некаде од објективот кој нишани во вас. Полека се помирувате со неопходноста од бегство. Одлучувате да станете фотограф и пребегнувате од другата страна на објективот. Таму е безбедно како во бункер и моќта да нишаните во некого е во вашите раце и очи.
__________________________________________________________________________
*Запис пронајден во вештачка насмевка
У. беше мрзлива уште пред да се роди. Постојано спиеше во стомакот на мајка си, која пак, инсистираше нејзината ќерка да се роди будна.
- Не дозволувам царски да ми го резнете стомакот додека не ја разбудите ќерка ми! Знам, велите дека таа постојано спие, но не ме интересира. Разбудете ја како знаете! – им пискаше мајката на гинеколозите.
- Госпоѓо, ехото и сега, како и секој претходен пат, покажува дека бебето спие. Без навреда, но на свет ќе донесете крајно мрзлив плод. Дозволете ни да ви го резнеме стомакот, па потоа ќе го разбудиме бебето.
-Не ме интересира! Детето на свет ќе ми дојде будно! – не отстапуваше мајката.
Гинеколозите се најдоа на голема мака. Удираа чврги во стомакот на мајката, но У. спиеше спокојно и не чувствуваше ништо. Се обидоа и со шлапкање, но залудно. Го протресоа стомакот малку посилно, онолку колку што смееја, но таквото лулнување само и’ годеше на дремката на У. Ваквата нејзина мрза ги натера докторите да применат сосема немедицински методи.
Алтернативна медицина не е вистинскиот израз за тоа што го направија: повикаа оркестар со лимени инструменти, со цел да предизвикаат што поголема врева. Бебето мораше да биде разбудено. Звуците од трубите, саксофоните, тапанот и тубата одекнуваа во кругот на целата болница. Неколку дебели жени со заруменети образи влетаа во салата за породување, носејќи букети цвеќе и бонбониери.
-Честитки! Честитки! Нека е живо и здраво! – викаа на цел глас, играа оро околу креветот на кој се наоѓаше мајката на У. и ги пееја народните песни што ги свиреше оркестарот.
-Надвор! Зарем не гледате дека породувањето не е завршено! – ги бркаа гинеколозите развеселените жени, кои мислеа дека веќе се слави успешното породување на нивната пријателка.
У. спиеше. Звукот на лимените дувачки инструменти потпомогнати од тапанот не ја разбуди. Мајката очајуваше, самата се шлапкаше по стомакот и се чудеше зошто нејзиното дете не сака да се разбуди.
-Таткото! Повикајте го таткото на помош! – се досетија гинеколозите. И постапија мудро – таткото беше оперски пејач, а помошта од еден грлат човек беше повеќе од потребна.
Tој задишан влезе во собата за породување и започна гласно да пее арија од операта „Кармен“. Пееше прекрасно. Гинеколозите сигурно ќе уживаа да не свиреше истовремено и оркестарот со лимени инструменти. Ваквата комбинација не беше најпријатна, но беше потребна што поголема врева.
Штом таткото заврши со пеењето, У. се разбуди и почна да клоца, а болничарките – помошнички на гинеколозите силно ракоплескаа. Породувањето конечно беше извршено и У. дојде на свет будна, токму како што сакаше мајка и’.
У. ја најави својата мрза многу рано. Само што излезе од стомакот на мајка си, заплака сосема кратко, колку да ја исполни бебешката должност и веднаш заспа, исто како да се наоѓа во стомакот. Повторното пеење арии од „Кармен“ од страна на таткото не помогна. Но, хигиеничарките му беа благодарни – од силата на неговиот глас лебарките и бубашвабите се уплашија и избегаа надвор од болничките простории.
Животот на У. по породувањето доби сосема обичен, но во некои нешта и необичен тек. Нормално, поголемиот дел од времето таа го поминуваше спиејќи. Изненадуваше тоа што прооде и прозборе на време, како повеќето нејзини бебиња – врсници. Но, уште поизненадувачки беше типот на мрза од која патеше У. (Може да се каже дека другите повеќе патеа од нејзината мрза.) Тоа не беше обична, туку заразна мрза. Кога родителите ја успиваа со пеење или раскажување, не успеваа да дојдат ниту до половина од песничката или приказната. Заспиваа пред неа. Од градинка У. беше отстранета поради штетно влијание врз негувателките и останатите деца – сите околу неа заспиваа. Дури и електронските уреди во домот престануваа да работат по само неколкуминутно користење од У.
Таа ја ширеше мрзата и во супермаркетите. Кога требаше да плати за купените производи, заспиваа сите што чекаа ред до неа. Се случуваше и касиерките да задремат; неколку од нив ја загубија и работата поради тоа. У. не можеше да го користи ниту лифтот во својата зграда. Мрзата на У. се пренесуваше и на него и тој престануваше да се движи. Така, У. мораше да ги користи скалите за да се искачи до својот стан на единаесеттиот кат.
Момчето што случајно се заљуби во неа кога ја сретна на скалите ја сакаше до крајот на неговиот животот. Не беше романтичар. Едноставно, го мрзеше да престане да ја сака.
У. го надживеа својот обожавател. Никогаш не умре. Ја мрзеше да го напушти светот повеќе отколку што ја мрзеше да дојде на свет.
По долго вежбање и подготовки, Л. се појави на аудицијата за најдобар танчер. Однадвор салата му изгледаше сосема обично, но кога излезе на сцената непријатно се изненади од она што го виде: наместо најавената жири комисија спроти него стоеја неколку водачи на африканско племе што не може точно да го препознае. Стегајќи копја во рацете, го гледаа со нема сериозност.
И покрај ваквата не баш мала непријатност, Л. го зазеде почетниот став за точката што требаше да ја изведе. Чекаше да биде пуштена музиката на која требаше да танцува. Следеше второ непријатно изненадување: наместо музиката со која се пријави на аудицијата, слушна само длабоки удари на тапани во некој сложен, нему непознат ритам. Не знаеше како да се движи на таква музика и како скаменет стоеше во место.
Лутината на лицата на племенските водачи стана видлива. Со незашилениот крај на копјето удираа во земја во ритамот што се слушаше. На Л. му пристапи еден сосема модерно облечен човек. Говорејќи на неговиот јазик, но со многу грешки, му објасни дека задоцнил на аудицијата, дека древното африканско племе ја освоило салата и дека се наоѓа во земја во која е смртен грев неумеењето да се одигра ритуалниот танц во чест на владетелот.
Со особен интерес и внимание читате некоја книга. Местата што ви се допаѓаат и ви се чинат позначајни ги подвлекувате со молив. Завршувате со читањето, книгата ви остава одличен впечаток и им ја препорачувате на повеќемина пријатели. Конечно, и’ ја позајмувате книгата на една пријателка.
И таа е внимателна во читањето. Ги подвлекува со молив местата што и’ се допаѓаат, секако, без да ги избрише вашите линии под значајните редови. Завршува со читањето и ви ја враќа книгата во пристоен рок. Вели дека и’ се допаѓа. Ја земате книгата, ја сместувате на старото место на полицата и речиси заборавате дека постои.
По неколку години сакате уште еднаш да ја прочитате. При второто читање, обрнувате поголемо внимание на местата што сте ги подвлекле кога сте ја читале за прв пат. Не ги разликувате своите линии од оние на вашата пријателка. Се храните со туѓи впечатоци и без да знаете присвојувате нешто што не е ваше.
____________________________________________________________________
*Запис пронајден меѓу редови